Македонскиот конзервативец

Published by sarissa.institute on

Џејсон Мико

Што значи да се биде конзервативен? Од каде потекнува традицијата да се биде конзервативен? Што значи да се биде македонски конзервативец? Без да навлегуваме премногу во плевелот на различните видови на конзервативизам и конзервативно размислување, да почнеме со основните работи: да се биде конзервативен зависи од тоа што сакате да зачувате.

На пример, како американски конзервативец, јас сакам да го зачувам основањето на мојата земја и основните принципи поставени од татковците-основачи и рамката (нашиот Устав) за управување со земјата. Од другата страна на Атлантикот, нашите британски конзервативни пријатели сакаат да зачуваат нешто што е малку поразлично; нивниот Устав (кој не е пишан документ), нивната историја, националните херои и многу повеќе.

                А за македонците? Што сака да зачува еден македонски конзервативец? Како долгогодишен обожавател на Македонија и македонскиот народ и како човек што поминал скоро четвртина век поврзан со Македонија (кој и живеел и работел таму долго време), тврдам дека да се биде македонски конзервативец значи да се сака да се зачува македонската нација, без разлика каде и да живее македонскиот народ, македонскиот идентитет, субјектот што се нарекува Република Македонија, како и работи што ги прават Македонија и македонците уникатни – јазикот, историјата, наследството, културата и Македонската православна црква и вера (има многу да се каже за Македонската православна црква, теман на која ќе се осврнам во мојата идна колумна).

                Разликувајќи го македонскиот конзервативец од неговите американски или британски конзервативни побратими, постојат некои вредности кои се универзални за сите конзервативци без оглед каде живеат и без оглед на нивната етничка припадност или националност. Во оваа колумна, сакам да се осврнам накратко на една од тие вредности.

                Читајќи, проучувајќи и слушајќи писатели и мислители, од ирско-англискиот писател и член на англискиот Парламент Едмунд Бурк (1729-1797), кој во голема мера се смета за основач на конзервативизмот, до писателите и мислителите на денешницата, дојдов до заклучок дека првиот и најважен основен постулат на конзервативизмот е благодарноста. Да се ​​биде благодарен може да изгледа како чуден начин да започнете вовед во конзервативизмот, но кога навистина ќе размислите, ќе ви стане јасно зошто благодарноста е основата на конзервативизмот.

                Размислете за кратко. Кога сте благодарни за она што го имате, имате тенденција да сакате да го заштитите и зачувате тоа нешто. Затоа и го негувате тоа нешто. Еден од современите писатели и мислители, кој има големо влијание врз мене, е Јувал Левин.  Левин е американски писател и Потпретседател на Центарот за етика и јавна политика во Вашингтон. Во изјавата за Фондацијата Бредли во 2013 година, Левин забележува: „Според мене, конзервативизмот е благодарност. Конзервативците имаат тенденција да започнат од благодарност за она што е добро и што функционира во нашето општество, а потоа се обидуваат да го надградат тоа. Додека либералите имаат тенденција да започнат од бес кон лошото и скршеното и да се обидат да го искоренат “.

                Тој понатаму вели: „Конзервативците честопати започнуваат од благодарност затоа што тргнуваме од скромните очекувања на човекот – знаеме дека луѓето не се совршени, исто како и  човечковото знаење и моќ; и ние конзервативцните сме воодушевени од институциите кои успеале да направат нешто прекрасно од таа несовршена суровина. Значи, ние сакаме да надградиме, бидејќи мислиме дека не сме можеле подобро кога се почнувало од нула“. Потоа, тој ја споредува оваа идеа со нашите пријатели од левицата пишувајќи „Либералите честопати започнуваат од бес затоа што тие имаат многу поголеми очекувања – можеби дури и утопистички очекувања – за перфектноста на човечките дејанија и потенцијалот на човечкото знаење и моќ. Тие често се подготвени да ја игнорираат традицијата и да ги тргнат настрана институциите што канализираат генерации на мудрост затоа што мислат дека можат да направат подобро сами“.

                Во друг есеј, тој забележува дека „Чувството на падната природа на човекот често ги остава конзервативците со ниски очекувања. Но, токму поради тие ниски очекувања, ние сме многу поблагодарни за успехот во општеството отколку што сме револтирани од неуспехот“. Споредувајќи го тој став на благодарност со нашите пријатели од левицата, тој напоменува дека „Прогресивците имаат многу поголеми очекувања. Тие се поотворени кон можноста за совршенство на човекот и имаат тенденција да мислат дека имаат формула да го достигнат тоа, затоа упорноста на неуспехот ги разбеснува. Кога конзервативците се револтирани, тоа е генерално затоа што гледаат дека нешто вредно e изгубено; прогресивците се почесто револтирани од застапеноста на статус кво состојбата “. Може да забележите одредена тема во неговото пишување: конзервативците не веруваат во совршенството на човештвото; нашите пријатели од левицата имаат тенденција да веруваат дека човештвото може да се направи совршено, што бара и вклучува државна моќ.

                И тогаш неговото прекрасно резиме: „Благодарноста во целина, благодарноста за она што работи во општеството и склоноста кон решавање на нашите неуспеси со тоа што ќе работиме наместо да започнуваме од почеток, им даваат на конзервативците високо внимание на долгогодишните социјални институции – оние што биле ценети од генерации луѓе кои се справувале со истите видови основни човечки проблеми со кои сега се соочуваме. Тоа е клучна причина зошто конзервативците се традиционалисти, склони да бидат заштитници на воспоставените начини “. Иронично е што спротивно на благодарноста не е секогаш неблагодарноста; тоа е незадоволство и ставот дека имаш вродено право на нешто. Кога ќе започнете да ги земате здраво за готово овие работи, помала е веројатноста да ги браните, а потоа ќе станат подложни на корупција и распаѓање. Следно се јавува завист и алчност, а потоа незадоволство и чувстово дека нешто по автоматизам го заслужуваш.

                Па, како е ова поврзано со македонскиот конзервативец? Според мене, македонскиот конзервативец е маж или жена кои се благодарни на фактот дека постои независна Македонија – како и само како Македонија – и не само што постои, туку беше постигната независноста со вековна борба. Македонскиот конзервативец е благодарен за традициите и нештата што ја прават Македонија единствена. Македонскиот конзервативец е должен кон македонските претци кои се жртвувале за Македонија. Македонскиот конзервативец чувствува благодарност за културата, јазикот, историјата и наследството на Македонија. И во сите овие работи, македонскиот конзервативец сака да се држи до овие работи и да ги негува, бидејќи тие се достојни за пофалба и заштита.

                Во мојата следна колумна, дополнителни ќе набројам некои од основни принципи на конзервативизмот и потоа ќе ги проширам, еден по еден во идните колумни.


0 Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *