Мисловноста на македонски

Published by sarissa.institute on

Александар Богатинов

Јазикот е нашето духовно домување. Веднаш по првиот „трепет“ на нашата свест, мислата се раствора во својот говор. Јазикот е најблиското духовно средство кое претставува верен следбеник на нашето Јас. Слуга на духот, кој му овозможува да си ја покаже својата животворност распростирајќи се и определувајќи се себе си. Тој е најважното духовно наследство кое нѝ ја овозможува световноста и ја определува нашата посебност, идентитет, во светската раскошност на јазици. Јазикот е најдиректното сведоштво за нашето засебно минато. Преку него ние се потврдуваме вредносно во современоста како народ.

Конзервативниот дух  преку своето дејствување треба да покаже дека знае да го цени  своето наследно духовно богатство. Конзервативизмот, не само поради својата природна определба, треба да го негува својот роден јазик, туку и поради низа на современи општествени случувања кои што со своето појавување влијаат негативно на опстојноста на светската разнолика ризница од јазици. Ако во минатото заборавот на времето, природни катастрофи, војни, насилни политички и верски дејствувања биле причината за претопувањето и исчезнувањето на голем број исклучително важни светски и локални јазици, во современоста се соочуваме со еден нов вид на општествена појава која со својата природна бележитост тивко ги претопува, но и истиснува јазиците од нивното родно, просторно и духовно владеење. И кога конечно стигнавме до едно демократско време кое треба да овозможи слободно да опстојуваат и најмалите светски јазици, а човечноста да ја покаже сета своја духовна разноликост на говорење, ние се соочуваме со опасност од нивно исчезнување.

Глобализацијата или современата настроеност на човештвото да се обедини во едно-општественоста го истакна англискиот јазик како единствен претставник на оваа современа настроеност, преку кој ќе се остварува целокупната комуникација и истовремено, ќе се обединува разноликоста на човештвото во светот. И како што англискиот јазик го поседува правото да биде универзален јазик во современиот глобален свет, така и останатите јазици имаат право да ја бранат својата исклучителна бележитост. Постојано, преку секојдневното нормално пренесување на информации,  со цел да се носиме со овој брз свет и да се биде поефективен, несвесно сѐ повеќе во општествувањето се уфрлаат и одомаќинуваат англицизми, а со тоа паѓаат во заборав изворните зборови и се губи автентичната посебичност на локалниот говор. Низа на современи светски филолошки истражувања излегуваат со свои проценки за временскиот опсег во кои ќе исчезнат голем број јазици, а особено ова се однесува на помалите. Во светот на глобализацијата тие како да се осудени на пропаст. Во уште понеповолна состојба се ставени домашните јазици со сѐ поголемото истиснување на човечката дејственост низ вештачката интелегенција. Локалната преведувачка дејност секогаш, како да е  еден чекор назад во однос на постојаниот изблик на изрази кои што ги носи со себе новата вештачка стварност. Па, поради својата бавна прилагодливост тие нови изрази незапирливо се уфрлаат во домашниот јазик, и со тоа го доближуваат да наликува во својата речитост до претставничкиот јазик на едно-општествувањето. Со оваа „загадување“ на локалните јазици се губи културалната наследна драгоценост на човештвото.

Конзервативниот дух треба да биде внимателен во однос на овој светски процес и преку своето делување да застане на страната на својот роден јазик. Неговата дејственост треба да биде присутна во сите области на општествениот живот. Започнувајќи од истражувачката дејност во различните научни области,  одејќи низ јавниот живот и влијателните институции во општеството, па завршувајќи до најобичното секојдневие. Затоа конзервативниот дух треба да се води според неколку правила кои што ќе покажуваат дека тој се грижи за своето духовно богатство – јазикот:

  • Прво, конзервативниот дух при своето изразување треба да употребува што е можно помалку интернационализми;
  • Второ, овој дух секогаш треба да се труди за интернационализмите да пронаоѓа соодветни зборови во значењето од современиот македонски литературен говор;
  • Трето, на конзервативниот дух не треба да му недостасува одлучност, и тој треба да ја користи својата креативност, за да во оној момент кога не ќе може да пронајде соодветен збор за некој интернационализам, да се потруди да  спои нов од значењето на два или повеќе кои се најблиску до неговото значење; Со тоа да се постави себе си во улогата на исконскиот предок, творецот на својот роден јазик;

За конзервативизмот треба правото на употреба на дијалекти во својот домашен јазик да биде секогаш над правото на употреба на туѓински зборови. Конзервативниот дух не треба да биде попустлив кон интелектуалната надменост во своето говорно подрачје, која најчесто како оправдување за големата употребливост на интернационализми во своето изразување го наведува недостигот на зборови во македонскиот речник. Ваквото ненаситно изразување преку туѓински зборови на интелектуалецот, најчесто наликува на бесрамно силување на својот јазик. Впрочем, грижата за својот јазик најчесто се огледува во доследната приврзаност кон него во изразувањето. А оваа грижа треба да биде еден особен предизвик за конзервативните политики во иднина.


0 Comments

Напишете коментар

Avatar placeholder

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *