Политичко насилство

Published by sarissa.institute on

Лејла Рајкова

Мислам дека го достигнавме врвот на демократијата, мислам дека навистина сериозно ја сфативме демократијата, односно не само што сме ја сфатиле туку и сериозно и упорно ја применуваме велејќи за сè што ќе се направи дека е демократско право, живееме во демократија.По случувањата овие денови мислам дека чашата не е прелиена, туку чашата ми наликува на чешма на која ѝ се расипала славината и нема кој да ја поправи, ниту кој да ја сопре.

Е навистина е доста. Не ми е јасно како можат уште, постојано, секојдневно, неуморно да продолжуваат да измислуваат и да режираат најразлични сценарија кои ќе привлечат внимание, а онаму каде што имаме навистина голем проблем, каде што некој сака да влијае и да ја промени нашата историја се занемарува. Дали на моменти немате ни малку грижа на совест, дали на моменти не можете да се свестите ни самите што ни се случува, зарем не се грижите за вашите поколенија за вашите деца и внуци? Зарем интересот и материјалната корист се над сите вредности општествени, човечки, социјални, морални?

Затоа ние конзервативците сме тука да ве потсетиме, да ве разбудиме, па ако треба и со една колумна да ви зададеме една шлаканица за тоа што ни го правите.

Ние конзервативците сме БОРЦИ , големи борци за нашето минато, за нашата историја, за нашата традиција за вредностите во општеството кои се двигател за успешна иднина. Како што рекол и американскиот претседател Абрахам Линколн: “конзервативизмот е придружување кон старото и тестирано против новото и непознатото.”

Политичката моќ во нашата држава мора да биде ограничена за да се зачуваме самите себеи да зачуваме тоа што ни го оставиле нашите предци.

Како рекол народот: „Тоа што е добро не треба да го менуваме туку да продолжиме по истиот начин да функционираме.”За жал кај нас не е така, туку постојано промени, постојано барања, постојано условувања.  До вчера имавме историја, од денеска немаме. Каква дрскост.

Се прашувамуште нешто: дали еден ден ќе излезе барем еден од сите овие наши политичари без разлика дали е опозиција или позиција и ќе соопшти некоја добра вест и ќе израдува некоја категорија граѓани во нашата Македонија, на пример да ги израдува млекарите, стечајците,невработените,студентите, тутунарите,пензионерите, лозарите и други општествени групи.

Е па господа политичари кои ве има многу, каде сте за да направите некое добро дело за вашите граѓани, пред се заради нив сте на функции, или само пред избори ги барате граѓаните и им ветувате најразлични работи.

Дека некој направил криминал, дека некој злоупотребил службена положба, дека некој си го вработил братучедот, дека некој примил плата од три-четири места , и многу други работи не нè изненадуваат, па тоа е демократијата која ја сакавте и добивте кој што сака може да прави, а одговорност нема.

Само едно можам да разберам и тогаш ќе кажам дека навистина нешто почнало да се менува. Слушајќи ги секојдневните обвинувања помеѓу опозицијата и властаза суштински прашања за нас самите, за нашето постоење и дејствување играјќи си секојдневно една иста игра, не знам како не им се здодеа, префрлајќи топка едни на други ајде да видиме малку ваше дејствување и акција. Ако толку многу криминал има во власта, сегашна или претходна зошто никој не е таму каде што му е местото.

Кога ќе се смени една гарнитура на власт, таа што ќе дојде навистина има право да му покаже на овој народ но и да му докаже како работела и што се направила претходната власт.Кај нас напротив, едни ќе заминат други ќе дојдат и продолжуваат понатаму без ревизија на претходно стореното. Некои моменти се многу важни за нас, за некои промени некој треба да сноси одговорност, државните интереси  треба да бидат над сите други интереси.

Многу е лесно да се покаже и докаже сè, само ако навистина се сака и има волја вистината да излезе на виделина. Но сè друго се само празни зборови со кои што го трујат својот македонски народ.

Господа политичари, ако вие не сте уморени едните да се борите да дојдете на власт, а другите да останете на власт, вашиот македонски народ навистина се умори од вашите игри.

Дајте му на вашиот народ подобро утре, зарем не го заслужуваме тоа? Секој заслужува да го добие тоа што му следува, а сè друго е минливо и менливо.

Македонскиот народ заслужува подобра иднина затоа што има богато минато, има богата историја, има традиција, има обичаи и верувања кои што не можеме и не смееме да ги заборавиме, тие се дел од нас и од нашето вековно постоење.


0 Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *