Сариса – додадена вредност во граѓанското општеството

Published by sarissa.institute on

Интервју со м-р Сашо Марковски, директор на Институтот за конзервативни политики „Сариса“.

Што е Сариса и нешто повеќе за вас, вашето образование и работно искуство?

Марковски: САРИСА е институт кој се стреми кон промоција на конзервативни вредности и креирање и развој на конзервативни политики. Исто така вршиме истражувања, анализи, организираме конференции и дебати, се со цел да ја приближиме и објасниме конзервативната мисла до народот. Преку своето дејствување, Институтот ја потенцира важноста за негување на националниот идентитет и историското сеќавање, борбата против сиромаштијата, залагањето за општество кое промовира праведност и правичност.

Поседувам диплома за Меѓународни односи при Универзитетот во Мериленд – Колеџ Парк, САД и магистерска диплома за Меѓународен бизнис при Универзитетот Вухан, НР Кина. Поседувам меѓународно работно искуство (во САД), а последната работна позиција, пред да почнам да ја раководам Сариса, ми беше Посебен советник на Министерот за меѓународни односи и Раководител на Секторот за меѓународна соработка при Министерството за одбрана.

Зошто сега го лансирате овој Институт?

Марковски: Идејата за отварање на ваков институт се појави кога се запознавме неколку луѓе што делат слични планови и сродни визии. Утврдивме дека конзервативната филозофија е занемарена во нашето општество и решивме да делуваме за нејзина промоција. Од друга страна општеството ни е премногу партизирано и разделено, па ја оставаме политиката на страна и ќе се обидеме да го подигнеме нивото на дискусија, како и да делуваме во насока на подобрување на општествените вредности.

Што ја прави Сариса различна од другите невладини организации?

Марковски: Сариса е  независна организација која ќе се занимава со научно-истражувачки и едукациски дејности.  Ние имаме за цел преку дејствување во Институтот да се издигнеме над дневно-политичките случувања. Во Сариса се фокусираме на истражување и аналитика на политичка филозофија, меѓународни односи, религија, одбрана и безбедност, култура, уметност и сл. Во блиска иднина ќе се фокусираме и на едукација и тренинг, како и на работење на проекти од домашен и меѓународен карактер. Подобрување на колективната одговорност ни е една од примарните цели.

Кои се вашите планови во блиска иднина?

Марковски: Во следните неколку месеци ќе организираме настани од јавен карактер, се разбира со почитување на протоколите за превенција од КОВИД-19. Преку овие настани Сариса ќе им го претстави својот тимот на граѓаните како и нашиот Акционен план и проектите на делување. Планираме да организираме дебати и предавања во неколку различни градови на кои би земале учество домашни и странски експерти. 

Дали Сариса планира да се прошири и кои се вашите очекувања од луѓето кои би сакале да и се приклучат?

Марковски: Во македонското општество терминот “конзервативен” за жал многу често има понижувачко значење, а конзервативците често се опишани како неедуцирани, назадни, слепо религиозни, хомофобични, ксенофобични итн. Поради тоа нашата мисија е да им објасниме на луѓето дека тие перцепции се погрешни. За среќа денес имаме помлади генерации за кои се отворени границите, кои се едуцирани во странство, кои имаат пристап до секаков вид на информации благодарение на современата технологија и кои се повеќе ги отфрлаат доктрините на поранешниот систем. Денешните конзервативци се модерни и урбани професионалци со отворен ум и широки погледи кон светот. Тоа се луѓето со кои што сакаме да работиме и да се развиваме. 

Дали Сариса има формирано партнерства со други организации?

Марковски: Институтот Сариса соработува со сродните идеолошки странски партнери и организации и охрабрува размена на мислења и експерти од други невладини организации, како и соработка со други невладини за организирање на заеднички настани, кои ги планираме, но поради пандемијата сме оневозможени да ги спроведеме.

Постои ли голема заинтересираност за Сариса?

Марковски: Да, се поголем  број на луѓе се заинтересирани да дознаат што работи Институтот и да побараат вклучување во неговата работа. Можеби тоа се должи на фактот што во македонското општество постои недостаток на невладини организации кои и припаѓаат на центар-десно ориентираната политичката филозофија. Конзервативната и неоконзервативната идеологија безмалку се занемарени. Сега конзервативците имаат организација која можат активно да ја следат и на наше задоволство во која можат да земат активно учество.

Го одржавте првиот јавен настап на Сариса минатиот четврток, може ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?

Марковски:  Минатата недела организиравме дебата, со онлајн и лимитирано физичко присуство, под наслов „Политиката и вредностите на конзервативизмот“, во Граѓанскиот ресурсен центар во Штип. Ова беше прв настан од Конзервативниот караван, кој ќе продолжи со гостувања и во други градови во следните неколку месеци.  На дебатата беше објаснето што претставува Сариса како институт, акциониот план и начинот на делување.  Покрај моето обраќање, на дебатата земаа учество Тамара Митковска, која е на чело на Клубот на млади конзервативци, Сашо Петковски, раководител  на Секторот за истражување и аналитика и Џејсон Мико, раководител на Секторот за политичко-идеолошки работи. На дебатата беа објаснувани повеќе различни гледишта за тоа што значи да се биде конзервативец, основите на конзервативизмот, конзервативното гледање кон функционирањето на државата и државните институции, анализирање на социјални вредности како благодарноста на луѓето, што значи да се биде млад и модерен конзервативец во услови на современиот свет, но и многу други интересни општествени аспекти кои вредат за да бидат дискутирани, а се надеваме дека со следните активности ќе опфатиме и пошироки теми.

Ваше мислење зошто би се вклучиле граѓаните во Сариса?

Марковски: Очигледно е дека иако патот до создавање и одржување на успешна непрофитна или невладина организација може да биде трнлив, но целта има безбројни придобивки поврзани со унапредување на граѓанското општество. Нашата работа ни дава чувство на гордост, но и продуцирање на реална вредност, создавањето знаење особено во невладиниот сектор може да придонесе и дополнителна вредност за креаторите на јавните политики, но и да биде јасен сигнал за правецот на промени во општеството.  На сите оние кои ги делат нашите цели и нашата визија, би им препорачал и би ги охрабрил да се вклучат во Сариса, затоа што можеби ваквото граѓанско делување во голем обем нема да го промени светот, но можеби ваквото граѓанско делување во голем обем нема да го промени светот, но дефинитивно со нашите активности би влијаеле кон подобрување на нашето непосредно опкружување, правејќи го општеството подобро место за живеење за нас и идните генерации.

Во прилог видео материјал од првиот дел од Конзервативниот караван:
https://www.youtube.com/watch?v=dEIORNDyCaE

Интервјуто е превземено од Sarissa.news


0 Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *