Вербата на народот во државата и владините институции
Синоќа Институтот Сариса го организираше вториот дел од Конзервативниот караван под наслов „Политиките и вредностите на конзервативизмот: Народот како клучен столб на државата” во Граѓанскиот ресурсен центар во Гостивар. На настанот гостите говореа за политичка филозофија и идеологијата во македонското општество, религијата и традициите, како и за плановите и програмите на Институтот.
Сашо Марковски, кој е и извршен директор на Институтот Сариса, порача дека Институтот се залага за култура што ги промовира вредностите, правдата и правичноста, како и тоа дека конзервативците не се радикални екстремисти, туку се борат за зачувување на индивидуални права, општествени вредности, сигурна држава. Враќањето на вербата во државата и владините институции е една од главните цели на конзервативистите, а доброто владеење и демократијата се тесно поврзани. Добра државна институција е таа што транспарентно и ефективно им служи на граѓаните. Ако работиме паралелно на зголемување на транспарентноста и интегритетот на владата, можеме да ја подобриме довербата на луѓето во владините институции. Нашата земја треба да биде силна и развиена за да може да влезе во унија со најсилните и најпросперитетните. Ако конзервативците веруваат во семејните вредности, тогаш треба да се залагаме нашите семејства да дишат чист воздух и да пијат чиста вода, да имаме богата економија во која нашите деца ќе имаат лагоден живот, да имаме сигурна и силна држава во која ќе бидеме безбедни и слободни.
Дамјан Петрески, кој е студент на Православниот Богословски Факултет ,,Свети Климент Охридски” говореше за религијата како чувар на традиционалните вредности. Тој истакна дека доколку се согледаат Десетте Божји Заповеди ќе увидиме дека првите четири се со чисто верски карактер, но останатите шест се заповеди кои имаат општоморална важност без разлика на која вера, религија или група припаѓаат луѓето. Денес целиот свет поминува низ едно огромно искушение, наречено корона вирус, кој за жал не ги одмина ниту оние кои се верници, ниту пак оние кои се атеисти. Сведоци сме на голем број заразени и починати луѓе, луѓе а не бројки. Меѓу верниците се појавија одредена група на лажни зилоти, кои се во прелест, велат дека носењето маски е нешто кое е против Бог. Но напротив, ако е тоа начин да се заштитиме себеси, а со тоа и сите останати луѓе, тогаш тоа е приказ на љубов кон ближните, а тоа му е угодно на Бога. црквата е чувар на традициите и во неа постои духот на старите времиња, но тоа не значи дека црквата е против напредокот. Нејзината цел не е да го попречува прогресот, туку да го попречува движењето назад во примитивната состојба. Религијата општо, а и Христијанството на овие простори секогаш е тој аголен камен кој го држи нашето општество. Иако постојат многу сведоштва за тоа кога великодостојниците на една религија, имајќи ја на ум само својата придобивка (материјална) биле причина за пропаста на едно општество и за моралното опаѓање на луѓето од истото општество.
Професорот по етика, логика и филозофија, Александар Богатинов, се остврна на поимот што значи да се биде признат во секојдневно значење како вредност? Да се биде признат значи да се биде вреднуван, уважен, другите да го прифатат мислењето кое ти си го имаш за себе. Нашата неположеност на овој испит се огледува во фактот шти ние 30 – тина години не успеавме да бидеме признати. Објаснувањето за оваа непризнатост најчесто Македонецот веднаш вината ја префрла на соседите или другите држави. Дали ние треба да се погледнеме себе си во овие 30 години? Што е она што го доживуваме како грешка постојано овие 30 години, а не сакаме да си го признаеме? Зборовите независност и сувереност не упатуваат само кон слобода, однесување онака како што ние ќе сакаме да живееме и правиме. Независност и суверинитет се зборови кои во своето значење кријат и обврска, должност. Таа независност и сувереност во нас создаваат обврска сами како слободна држава да можеме да се носиме себе си. Сувереноста не значи само дека сега ние сме независни и сами треба да си донесуваме одлуки за нашата иднина. Таа сувереност ја имаме за да ние покажеме дека знаеме да се носиме сами со себе, да се развиваме како држава, да докажеме дека во своето одлучување стварно знаеме да создадеме држава на цврсти темели и да отвориме пат за идните генерации. Дури тогаш ние ќе бидеме вистински независни и признати во однос на современите надворешно-политички случувања. Ние последниве 30 години на Европеецот не му го докажавме ова, а со тоа не го положивме испитот на признанието. Не му докажавме дека можеме да создадеме „здраво“ општество со добро управување, а со тоа да покажеме дека вистински сме независни. Од една страна, политиката се разбира како јавна дејност каде што целта е остварување на своите лични, себични интереси, стекнување местоположба во општеството, влијание, моќ и материјална имотност; типично варварско сфаќање на политиката. Од друга страна, е онаа разумно разбирање на политичкото, кое од секаде се признава како здраво за државата и нејзиниот развој. Таа дефиниција е дека политиката претставува јавна сфера на делување каде поединецот си ги жртвува своите лични интереси и својата приватност се со цел да направи некое општествено добро,се става себе си во служба да го подобри и развие животот на граѓанството.
0 Comments