Дисциплината и иднината на нацијата

Published by sarissa.institute on

Александар Нацев

Почитувањето на однапред утврдени правила на однесување е во основата на функционирањето на едно општество. Дисциплината може да му помогне на еден човек да живее мирно и да биде почитуван во својот социјален круг. Таа спречува појава на сериозни социјални проблеми преку придржување до законот и редот, и го регулира општеството да се движи во вистинската насока. За нешто да биде ефикасно или за да се постигне нешто, потребно е да постои консистентен и постојан труд. Токму дисциплината е клучот дали тој труд ќе резултура со постигнување на целта или ќе биде залуден, и покрај сите потрошени ресурси.

На индивидуално ниво, дисциплината внесува стабилност и структурираност во животот на еден човек. Таа го учи човекот да биде одговорен и да знае да почитува. Доколку нема дисциплина, луѓето ќе прават што сакаат и ќе прават грешки, и не би имале обзир кон другите луѓе, при што со своите постапки би можеле да им нанесат одредена штета. Дисциплината промовира пристојно однесување со цел да се подобри општеството и да се направи подобро место за живеење за сите. Никогаш не е возможно да ги контролираме сите работи кои се случуваат околу нас, но можеме да го контролираме начинот како ќе одговориме на тие случувања. Токму затоа, потребно е да изградиме одредени ставови за случувањата околу нас. За да ги изградиме таквите ставови, треба да сме дисциплинирани и одлучни. Дисциплината помага во градењето на став кој ќе биде ефективен и позитивно ќе влијае врз општеството, и ќе помогне да ја насочиме нашата енергија кон позитивни работи. Исто така, може да се каже и дека дисциплината на некој начин го обликува животот на еден човек и креира одредена конзистентност во неговиот живот, бидејќи го систематизира неговото однесување. Способноста на еден човек за самоконтрола му овозможува да се однесува на еден конзистентен и контролиран начин. Недостатокот на оваа способност може да има катастрофални резултати.

На колективно ниво, да ја земеме војската на пример (бидејќи најчесто дисциплината се поврзува со војската), дисциплината е исто така многу важна. Без дисциплина, војската би била само група на луѓе кои носат иста униформа. За да се покаже супериорност на една војска над друга, понекогаш дисциплината е поважна отколку бројноста. Во контекст на ова, Џорџ Вашингтон ќе каже „Дисциплината е душата на армијата. Со неа, и малкуте војници изгледаат застрашувачки, таа им обезбедува успех на послабите и носи поччит за сите“. Една од работите која треба да се напомене овде е дека колку поелитна е една армиска единица, толку е повисоко нивото на дисциплина и е помала потребата да се даваат формални наредби или потсетувања за потребата да се биде дисциплиниран.

Понатаму, мое мислење е дека може да се тврди и дека силата на една нација лежи во дисциплината. Ниту една нација не може да просперира и да доживее прогрес доколку нејзините граѓани не се дисциплинирани, и не се промовира дисциплината во секоја етапа од животот. Семејството е првата средина кадешто треба да се воведе дисциплината. Родителите мораат совршено да ја завршат својата работа и да ги воспитаат децата во здрава и дисциплинирана средина. Потоа, образовните работници исто така имаат голема одговорност за истакнување на потребата од дисциплина кај учениците. Еден учител мора да биде почитуван и да дава пример со своето однесување, за да предизвика воодушевување и да биде пример за своите ученици. Дисциплината е многу важна и на работното место и е гарант дека луѓето ќе се однесуваат на прифатлив начин во својата работна средина и дека ќе ги почитуваат правилата и прописите на организацијата. Дисциплинираните работници се многу почитувани и ценети не само од своите претпоставени, туку и од своите колеги. Понатаму, дисциплината е неопходната основа за секој спортист. Таа го гради карактерот на спортистот и му помага да се насочи кон постигнување на најдобри резултати. Вложувањето во подисциплирана нација, на секое ниво на општествениот живот е една од работите која ќе има долгорочен позитивен ефект особено за младината, но и за иднината на нацијата во целост.


0 Comments

Напишете коментар

Avatar placeholder

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *