Една емпиристичка идеја против дигиталното учење

Published by sarissa.institute on

м-р Александар Богатинов

Како дел од мојата скромна библиотека се и десетици книги кои што ги имам во електронско издание. Веќе неколку години следам страници (најчесто пиратски) кои овозможуваат спуштање на литература во својот пресметувач. Ваквите пиратски страници заштедуваат пари, е-книгите заштедуваат простор, потрагата по нив во хартиена форма заштедува време, но уште од самиот почеток читањето на книгата во електронско издание ми нудеше едно поинакво искуство отколку истите книги кои ги имав во хартиена форма. Впечатокот кој што го имав беше дека нешто недостасува при искусувањето на смислата во електронските учебници. Сооглед на тоа што станува збор за филозофска литература која што бара задлабочување во текстот, размислување меѓу две мисли како обид да се долови смислата, понекогаш, на некоја мисла бара оставање на книгата, раздвижување низ просторијата како размислување и инспирација за пишаното, наплив на нови мисли, повторно навраќање на книгата, повторно нов однос со неа. Читањето на филозофска литература е цел ритуал. Тежината на текстот во филозофската литература во себе ги крие сите предизвици на еден учебник. Разбирање на текстот преку анализа, создавање на критичност и развивање на креативноста. Всушност, филозофската литература пишувана во научен или поетски стил, секогаш зад себе го крие поимното сознание како највисок дострел на умот.

            Но да се навратам на почетокот. Уште при првите искуства со електронските книги забележав дека нешто ми недостасува. Загледаноста во екранот следејќи ја содржината, не ми овозможува исто онакво задлабочување во самиот текст како што се случува вообичаено со хартиената книга. Неопходно задлабочување кое секогаш  треба да оди зад текстот, барајќи ја смислата. Екранот ми претставуваше препрека, која создаваше ненадминлива дистанца помеѓу мене и самата е-книга, дистанца која не дозволува да се создаде онаа цврста духовна врска помеѓу моето себство и содржината на книгата која се нуди, која пак врска ќе почне да го создава оној величествен ритуал создаден од занесот на самата содржина. Наместо тоа, погледот беше ладен, одбивноста кон текстот зад светлината на екранот присутна, вниманието на ниско ниво, и на крајот чувство во мене на плиткоумност и заглупавеност. Си помислив дека е поради тоа што немам навика за читање на електронски книги и поверував дека понатаму нема да ги забележувам овие недостатоци. Но, еве по десетина години уште не успеав да се навикнам и уште ги чувствувам истите недостатоци: чувство на разделеност од текстот, недоволна концентрација, послаба умствена моќ за анализирање, разбирање и инспирирање на текстот. Во некои прилики, кога ќе немам примерок во хартиена форма, сум морал и  преку сите овие препреки да одам, но се уште сум сигурен дека ако истите  тие книги ги имав исчитано во хартиена форма разбирањето ќе беше подлабоко и поинакво.  

            Зошто читањето на книга во хартиена форма ми овозможува подлабоко разбирање на содржината отколку е-книгите ? Ова прашање ќе се обидам да си го објаснам   на филозофски начин, преку еден филозоф којшто живеел во XVIII век, Џорџ Беркли. Овој ирски епископ и христијански мисионер во Америка, во 1709 година го пишува своето прво дело „Есеј за  новата теорија за видот“.  Прв пат кога го прочитав оваа дело бев студент. Книгата ја читав во хартиена форма, и во оваа прилика ќе напоменам дека и есејот кој го пишував за овој есеј беше во ракопис. Значи во мугрите на дигитализацијата. Но, она што ми е потребно за оваа колумна е идејата од овој есеј на Беркли која што ќе се обидам да ја доловам. 

            Беркли, во оваа дело постојано ја нагласува условеноста на сетилото за вид од  сетилото за допир во однос на искуството кое го имаме како знаења во умот. Општо е познато дека најголемиот дел на знаењата ги имаме здобиено преку сетилото за вид. Но малку е познато дека извесноста и сигурноста на тие знаења во голем дел зависат од повикувањето на умот при примањето на впечатоците од сетилото на вид на искуството кое што тој го стекнал преку сетилото за допир. Со други зборови, она што го нарекуваме длабочина во просторот, или искуство за далечина, волуменост (телесност) на него, исклучиво зависи од искуството кое што го стекнал умот преку сетилото за допир. Значи, ако слободно го впуштам погледот кон пределот  пред мене, обликуваноста на тој предел, извесноста која ја имам за подалеку и поблиску во самиот предел, е заслуга на искуството кое мојот ум го има од сетилото за допир. Ако се само потпираме на сетилото за вид ние никогаш нема да дознаеме што е горе, што е долу, што е пред мене, што е зад мене, што е поблиску, што е подалеку. Ако умот само гледа и не се повикува на искуставата од сетилата за допир, тој никогаш нема да знае дека светот е тродимензионален, со волуменост во себе, со длабочина во просторот. Односно, без ова сетило ние засекогаш ќе живееме во дводимензионален простор, размачкан со бои.  Овој предел на природата, кој што ми се претставува во бои и тонови, без повикување на сетилото за допир, никогаш не би знаел дека зелените облици на ридестиот дел се поблиску, отколку сините облици на планинскиот. Моето искуство кое што го имам постигнато преку одењето (сетилото за допир) ми овозможува да ја расчекорам (претставам во длабина, далечина) сликата од пределот пред мене.

            Сетилото за допир гледано од аспект на еволуцијата на животот е поисконско, појавено пред сетилото за вид. Кај примитивните организми,растенијата, сетилото за вид не постои. Но, она што е уште позначајно е нагласувањето на првичниот дел од животот на човекот, детскиот, и сета игра и експериментирање на децата со сетилото за допир. Тие постојано сакаат да ги допрат, да ги опипат, предметите околу себе. Велиме: „сака сѐ да допре, се да види!“ Всушност зад оваа нивна неумесна игра, се крие една длабока мудрост. А тоа е искусувањето на светот во длабочина ( како телесност, тродимензионален). Падна, се чукна, го фати тоа што не треба, сета оваа несмасност всушност е учење, искусување на длабочината и далечината на светот како карактеристика. Сето ова опипување на предметите во детскиот свет му овозможува на човекот подоцна да го восприема светот како телесност.

            Затоа животот на човекот во дигитализиран свет претставува истиснување на самиот живот од својата длабочина. Затоа животот на човекот во дигитализацијата претставува  отцепување од сетилото за допир и условување на спознајниот свет на човекот се повеќе на сетилото за вид. Едно нова плиткоумна реалност и лага дека ние не губиме ништо. Новата дигитализациска ера претставува осакатување на човекот од неговата природност за кое е најзаслужно сетилото за допир. Осакатување на човекот од ова примордијално сетило. Особено упростување на функционалноста на умот кој што секогаш копнеел за навраќање на себе си во длабочината, во откривеноста , во барањето смисловноста на светот низ знаењата. 

Во споредбата помеѓу хартиените и електронските книги,  хартиените ни овозможуваат едно искуство повеќе. Тоа е можноста да се допрат. Да се почувствува дека знаењата се тука-присутни, ги поседуваш. Самата присутност на хартиената книга нѝ овозможува една сигурност дека она што го читаме и го поседуваме. Тоа поседување нѝ овозможува пак, слободно, без задршка да се препуштиме со целата наша умствена енергија на содржината од самата книга. Тоа поседување нѝ овозможува полесно и поуспешно зграпчување на смисловноста на текстот. Присутноста на хартиената книга како наш посед ја дозволува потребната слобода на умот за да тој со сета духовност  продри во неа и ја до-фати содржината во себе како смисловност (разбирање).

Е-книгите, зачувани во папки, претставени преку екрани, создаваат чувство на разделеност. Екранот раздвојува, содржината се дистанцира од нас, текстот како да бега. Го нема чувството на сигурност, на слободна интимна поврзаност помеѓу читателот и содржината. Тоа е поради недостигот на чувството на посед, поради тоа што недостасува допирот. Исконско чувство кое овој пат не нѝ е потребно како сведоштво на длабочината на просторноста, туку како сведоштво за длабочината на содржината од текстот.   

Затоа бројни студии на психолошките истражувачки центри низ светот јасно говорат за плтикоумноста при учењето низ дигитални уреди. Научни поими како „плитко читање“ (без задлабоченост во текстот), „дигитална деменција“ (лесно заборавање на материјалот), „неможност за ретенција (задржување) на вниманието“ (концентрација), „некритична употреба на знаењата“ се сериозно одомаќинети поими во психолошката наука кои сериозно му пркосат на оној непромислен оптимистички поим „дигитални домородци“ во смисла на деца кои припаѓаат на новата генерација која исклучиво ќе се служи со дигиталните информации.

Дигиталните знаења си имаат своја вредност како вест, информација, достапност на податоци, пресметувања и поместувања на податоци, но тие никогаш  не можат успешно  да ја заменат можноста за концентрација и размислување, критичност, задлабочување во смислата на текстот, како што тоа може да го направи хартиената книга. Особено за најмладите кои што се во почетокот на искусувањето на светот меѓу другото и преку знаења, тоа треба да го направат на еден автентичен начин.

Впрочем, за крај, образованието и знаењата на човештвото не му служат за до тој успешно одговори на пазарот на трудот, како што си замислува „некоја“, туку образованието и знаењата, најпрво, му служат на човештвото за да тоа себе си се изгради како самосвесно и критички настроено суштество кое секогаш ќе се бори да си ја остварува и одржува СЛОБОДАТА.       


0 Comments

Напишете коментар

Avatar placeholder

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *