За конзервативните вредности – благодарност и благородност

Published by sarissa.institute on

Александар Богатинов

Мислите коишто следат се инсиприрани од објавената колумна на Џејсон Мико, Македонскиот конзервативец,  за институтот за конзервативни политики – Сариса, и конкретно се однесуваат на доблестите коишто треба да го красат конзервативниот граѓанин.

Од неколкуте етички вредности кои треба да бидат составен дел во однесувањето на конзервативниот граѓанин, тука се издвоени две: благодарноста и благородноста. Можеби некој со право ќе определи како повеќе важни за конзервативизмот и некои други, но јас овие ќе ги истакнам бидејќи го определуваат односот на овој граѓанин кон минатото и иднината. Овие две етички вредности треба да ја оформуваат првата појавна слика за него. Благодарноста и благородноста се два прекрасни збора од македонскиот јазик кои изворедно ја отсликуваат природата на конзервативниот дух.  Ако кон минатото, конзервативецот се однесува со благодарност, тогаш кон иднината тој треба да се однесува со благородност.     

Џејсон Мико, во гореспомената колумна, се обидува на македонскиот граѓанин да му создаде една првична претстава за природата на конзервативниот дух. Тој, цитирајќи неколку влијателни конзервативни интелектуалци од минатото и сегашноста, ја определува благодарноста како почеток на дејствувањето на конзервативниот граѓанин. Или, со други зборови,  „пред да започнеш да правиш било што, најпрво треба да се заблагодариш за она што го имаш.“ Треба да се заблагодариш за сето она што го имаш наследено како дар од своите предци, од природата, од Бог,… затоа  благо-дар-ност.  Се однесуваме со благост кон даровите. Негувањето, пак, на даровите претставува најправ начин да се покаже дека знаеме да бидеме благодарни. Преку негувањето, ние покажуваме дека знаеме да го цениме, вреднуваме, она што сме го добиле како дар.

Во конкретниов случај, мислам на сето она духовно наследство кое го имам од своите предци како самосвест, јазик, просторност, историја, религија, уметност, итн. Сите овие дарови ѝ припаѓаат на мојата генерација, и таа, дотолку знае да биде благодарна, доколку знае да ги зачува и негува овие вредности. Најчесто, неблагодарниот дух ги превидува, заборава, отфрлува, сите овие благодети кои што ги има наследено од своите предци. Сооглед на латинскиот збор conservatio (да се зачува нешто од расипување или уништување), од кој што е изведен зборот конзервативизам, следи дека благодарноста е првата и стварна етичка вредност според која треба да се однесува еден конзервативен граѓанин. Односно, добрата волја во сочувувањето произлегува само од умешноста да бидеш благодарен, тоа значи да знаеш да го цениш она што ти е дадено како дар. Затоа, погледот на конзервативецот кон минатото е поглед на благодарноста.

Вториот дел од оваа кратка приказна го посветувам на односот кон иднината кој што треба да го има еден конзервативен граѓанин. Поприлично лесно е да се определи односот на еден конзервативец кон минатото. Конзервативците во историјата на политиката се препознативливи по нивната приврзаност кон она што веќе се поседува. Тие се познати традиционалисти, скептици кон новото, дури многу често во негативното значење на зборот, за нив се определуваат зборовите: старомодни, реакционери, приврзаници кон status quo состојбите во општеството, итн. Но, јас сметам дека најправата етичка вредност според која ќе се препознава нивниот однос кон иднината е благородноста.

Дури и првиот конзервативец, од времето на Француската револуција, Едмунд Берк, ја има искажано мислата: „државата која нема начин да изведе некоја промена, нема начин ниту да се одржи.“ Конзервативците длабоко во себе знаат дека промената, но само како развој е здрава за едно општество. Впрочем, конзервативецот треба да го познава законот на постоењето: „она што не се развива е осудено на распаѓање.“ Тие знаат дека духот треба да се подмладува со новото, но само преку умешноста да се зачува она што веќе вреди и сеуште е плодно во општеството.  Единствено, на тој начин духот ќе се менува, но истовремено збогатува.

Соогледувајќи ја современоста, може да се сфати дека една од најистакнати карактеристики е нејзината напрегнатост  постојано да се пројавува во новото. Да се изразиш како инаков, да создадеш нешто ново, да го поседуваш новото, да бидеш во тек со него, се постојани императиви пред кои се исправа човештвото. Човекот, во овој брз начин на живеење, постојано е во еден трк по новото. Така се поставува прашањето за залудноста на поминатото време. Оваа залуденост на современоста го носи човештвото во еден заборав на она што е вредно во сета разноликост на новоста, заборав на она што е вистински ново. Ваквата залуденост го прави преморен дури и севкупниот дух на човештвото.

Затоа конзервативизмот, затоа благородноста. Благородноста како израз на конзервативизмот треба да се пројавува на два начина во општеството:

Првиот, треба да се држи до основното значење на самиот збор. Сè она што го изродува конзервативниот дух од себе како ново, треба да биде благородно. Тоа значи, да доликува на својата замисла; да биде плодно во своето одразување; да биде долговечно во својата опстојност.

Вториот, треба да се однесува на изострениот дух при вреднувањето на нештата во општеството. На конзервативецот секогаш треба искуството и разумот да му помагаат во мудрото просудување на стварноста. Во оваа современост на сè-дозволеноста, конзервативизмот не треба да дозволува сè-присутното да го „гуши,“ да го „овенува“: она достоинственото на себе; она што може да дава од себе; она што вреди во себе; она на кое му е просудено да пркоси на временоста. Впрочем, современоста во својата напрегност кон новоста постојано се обременува со кич, чкарт, џган и слична ѓубривост која го умира благородното. Затоа конзервативизмот во својата дејност треба да ја расчистува почвата за вистинското ново, за благородното. Оваа современост која постојано ги поништува вредностите, конзервативниот дух треба да оди по неа и повторно да ги облагородува.  

Затоа погледот кон иднината на конзрвативниот дух, треба да биде поглед на благородноста.  


0 Comments

Напишете коментар

Avatar placeholder

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *