Колумна на м-р Александар Богатинов – „Случајот Украина: НАТО алијансата од состојба на клиничка смрт до повторно реинкарнирање во најголем фактор за мирот во светот“

Published by sarissa.institute on

м-р Александар Богатинов

Политичките конфликти секогаш со себе си носат различни приказни, па така и во овој случај НАТО-Русија конфликт кој ескалираше во воен судир помеѓу Русија и Украина со себе си носи спротивни видувања за причината, но и за реалната ситуација во моментот со војната во Украина. Геополитички во овој момент припаѓаме на страната на Западот и свесно ја прифаќаме медиумската војна и цензура која нѝ се нуди  наведувајќи нѐ да прифатиме една страна, да усвоиме една вистина и идеолошки да бидеме убедени дека сме на страната на вистината.

Јас ќе се обидам во неколку колумни да направам свое видување на идеолошко-политичките случувања во овој момент во светот. Повикан од својата професија ќе се обидам да бидам на страната на вистината, и од својата стручност да направам предвидување во која насока се движи светската политика и историја. Во овој момент, ние сме сведоци  на изјави на најголемите светски лидери дека се случува ново прекројување на светската историја. Создавање на нов светски поредок е тема околу која се врти геополитичката мисла. Според изјавите и на Бајден и на Путин битката се води во Украина, а најдиректна жртва е украинскиот народ.И тој е заведен од оваа приказна за големото случување и судбинската улога да страда во овој момент и сѐ уште ровоски се бори и храбро истрајува. Но, кои големи потези се повлекуваат на светската политика сцена и што всушност се случува зад војната во Украина?

Од аспект на пацифизмот и доблесноста на човештвото недвосмислено треба да ја осудиме агресијата на Русија кон Украина и да укажеме на дијалогот како единствено и легитимно средство за решавање на конфликтите помеѓу човештвото. Поуката, освестувањето кое го имаме од морбидните и трагични слики кои нѝ доаѓаат од Украина во однос на разорноста која ја предизвикува војната, губењето на човечки животи, уништувањето на блогодетот на земјата со десетици години наназад, губењето на нормалноста на самиот човечки живот,  за во иднина сигурно ќе биде силна осуда на било кој друг воен конфликт вклучително и НАТО. Многу интелектуалци во овој момент сакаат да нѐ потсетат и на низата агресии на НАТО во изминативе години, но како и да е, сигурно светот многу повеќе ќе негодува на секоја  воена агресија во иднина.

За причината за почетокот на војната, би се навратил на конфликтот во Украина од 2014 и ненаучената приказна од тогаш. Соогледувајќи ја етнографската и идеолошка определба на украинското население, како и историската вистина за Украина и нејзината поврзаност со Русија, веднаш треба да нѝ биде јасно дека во однос на прашањето за станувањето на Украина членка на НАТО се испречуваат сериозни противречности. Најпрво, затоа што добар процент (17-18) од населението во Украина е руско. Второ, затоа што добар дел и од украинското население (пред сѐ православно) е културолошки и идеолошки е проруски настроено. Трето, по неколкуте соседни држави на Русија во последните 20-тина години кои го станаа членки на НАТО, таа за прв пат е одлучна во својата непопустливост кон Украина, но и економски доволно моќна да  ја покаже својата геополитичка важност во глобалната политика предизвикувајќи сериозни последици. Затоа, Хенри Кисинџер, наспроти својот реалполитички концепт на мислење уште во 2014, нагласи дека Украина треба да остане воено неутрална. Но, надворешната и агресивна реалполитичка администрација на демократите иако го знаеше ова, повлече спротивни потези. 

Важноста на украинското прашање во светската геополитика беше заборавено со доаѓањето на власт на републиканците и Доналд Трамп како претседател на САД. Недвосмислено можеме да заклучиме дека односите помеѓу Путин и Трамп беа на едно особено блиско ниво, можеби најпријателски помеѓу двајца претседатели на САД и Русија по Втората светска војна. Самиот Трамп даде изјава дека војната во Украина немаше да се случи да беше тој претседател. Впрочем знаеме за обвинувањата на американските демократи за мешањето на Путин и  помагањето во кампањата на Трамп  при изборот за претседател во 2017. Но она што е повеќе важно е односот на Трамп кон НАТО. Трамп ја доведе оваа алијанска во „кома“ состојба, да оспстојува само формално. Да не игра никаква улога во градењето на демократија во светот. Со Трамп на власт во Америка, НАТО ги живееше своите најтешки денови на постоење од создавањето. Па дури и самиот опстанок на алијансата беше доведен под знак прашалник, заканувајќи се овој претседател дека САД ќе се откажат од членство во НАТОпоради тоа што САД издвојуваат енормно многу повеќе од својот буџет за овој сојуз од останатите членки. Едноставно, Трамп во неговото претседателствување сакаше Америка да си „гледа во само во својот двор“ и да се откаже од улогата да биде гарант за мирот во светот. Администрацијата на Трамп беше најголема закана за постоењето на НАТО. Јас стојам на фактот дека светот ќе имаше поинаква политичка и глобална историја да останеше Трамп на власт во САД.

Но од позиција на „клиничка смрт“, НАТО доживеа реинкарнација со доаѓањето на власт на демократите во САД и администрацијата на Бајден.

Бајденовата администрација повторно го врати сојузот на „стари врати“. Повторно му ја афирмира неговата улога, ја оживеа важноста во светската политика. Повлекувањето од воените трупи од Авганистан имаше значење на пораз во однос на успешноста во градење на демократија во оваа земја. Но, затоа пак, повторно светската геополитичка сцена се префрли во Европа.Демократите во САД за разлика од Трамп имаа сосема поинаква надворешна политика. Тие повторно силно го актуелизираа демократското владеење во светот. Силното присуство во политиката на Балканот по заминувањето на Трамп е сведоштво за тоа.Но сега главната сцена е Украина. Истите слики од конфликтот во Југославија оживеаа во една нова братоубиствена војна, овој пат во Украина. Жртвата е народот на Украина, агресорот е Русија, но првокаторот со сигурност е НАТО. Вината на алијансата за овој конфликт е во тоа што го заведе Зеленски со понудата за членство во неа. Со дрскост и бесрамност кон Русија, отворено кокетираа со Украина во однос на нејзиното членство во НАТО. Уште еднаш ќе повторам, оваа Русија ниту е идеолошки и политички расшеметена, ниту пак економски разнебитена како во 90-тите кога НАТО слободно се ширеше пред нејзиниот двор. Намерно или ненамерно, администрацијата на Бајден со оваа понуда ја создаде приказната „Путин и Русија се закана за демократијата во светот“. Таа, историски гледано е „омилена“ за надворешната политика на САД. Тешко е да се поверува дека ЦИА беше наивна и не размисли доволно дека Путин е спремен за еден ваков сериозен потег, па макар и по цена за свое лично дискредитирање на колку толку уважен политичар во светската политика. Но важното е тоа што „мечката се фати во кафезот“ и сега ја игра играта која ја враќа улогата на САД како најважен гарантор на светскиот мир и најмоќен пропагатор во ширењето и градењето на демократија во светот. 

Продолжува…