Колумна на м-р Александар Богатинов – „Илинден – заштитник на македонскиот идентитет“
Нескромно е прашањето за најголемиот празник во Македонија. Но, сигурно сме исправени пред големиот Илинден. Празниците се државнички, верски, лични, професионални, итн, но под ова поднебје, нема друг така сличен во кој се испреплетуваат толку различни човечки енергии како што тоа е Илинден. По својата духовност, тој е возвишен, благонадежен, херојски, трогателен. Празникот со себе носи богат колаж од емоции. Гледајќи ја историската наставност на македонскиот народ, овој празник предизвикува восхит. Овој голем ден е јазол кој ги врзува државничкото, историското, верското, обичајното, географското, митското и легендарното на македонската духовност. Она значење за самобитноста на Евреите што го има Пасха, тоа го има Илинден за Македонците. Би можеле да кажеме дека Св. Илија е заштитник на македонскиот народ. Историјата преку Илинден сакала да го гради македонскиот идентитет и да ја двои македонската национална свест од соседните народи.
Следејќи ја обичајноста, знаеме дека сите градови и села си имаат свои празнувања, свои заштитници ( Св. Николе – Св. Никола, Пробиштип – Голема Богородица, Кратово – Св. Горѓи Кратовски, с. Плешенци – Св. Петка, с. Ратавица – Св. Троица, итн), но знам и дека Илинден е празник кој исклучителна почит и посветеност се чествува насекаде низ Македонија. Илинден е длабоко врежан во колективната меморија на целиот македонски народ. Сместен во средината на летото, најголемите горештини, празникот покрај тоа што се поврзува со пророкот Св. Илија, тој е симбол на култот кон Сонцето кој што постоел во антиката на овие простори. И во христијанската ликовна уметност овој пророк како неодминлив белег ги има небото, огнот, светлината и громот. Неговото житие од Стариот Завет е поврзано со сушноста како моќ на Сонцето и контролата на временските прилики. Но паралено со оваа библиска приказна, во антиката на овие простори се одвивал еден особен култ кон него. Битката на Херонеја, помеѓу Македонците и Грците, 2 август, 338 год. пр.н.е, според историјата е битка за големото светилиште Делфи. Овој најсвет град на Балканот во антиката бил симбол на мудроста и светлината. Уште повеќе што во етимологијата на името Илија (Елијаху – хебрејски) на хеленски во себе го содржи она широко присутно кое денес го знаеме како Сонце (Илија-Илиос-Хелиос). 2 Август, Св. Илија, Сонцето, сите овие нешта се значајни парчиња останати од мозаикот на македонската вековност и непобитност.
Оваа нишка – 2 Август, долго подоцна постоела како колективен код на македонскиот народ. Подоцна историската значајност на овој ден се претвора во христијанска значајност изразена низ култот и обичајот околу овој пророк насекаде низ Македонија. Христијанството и празникот Илинден скоро две епохи го чуваа македонскиот идентитет, за да повторно преку два големи настани 1903 и 1944, македонскиот национален код, длабоко врежан во колективната и религиозна духовност стигнува до свеста како македонски идентитет. Јунг би рекол дека колективната несвесност повторно излегла на површина и станала колективна свест за овој народ. Па оттука, по осамостојувањето во 1991 година, нашата зграпченост на Сонцето како симбол и идентитет на македонскиот народ не е ни малку случајна. Знамето ни е убаво и си го сакаме затоа што сме освестени за нашата поврзаност со овој симбол уште од почетокот на нашето постоење како Македонци. Таа зграпченост е израз на потсвесната волја на овој народ да се има себе си, како самосвест, како знаење, како дух.
Нека е честит и вековит Илинден! Македонија Вечна!