Конзервативизмот наспроти формите на меѓународни односи – предуслови во решавањето на Европската миграциска криза

Published by sarissa.institute on

Влатко Митковски

2015та година беше обележана за Европа со повеќекратно зголемување на протокот на мигранти и бегалци од Средниот Исток и Африка. Оваа миграциска криза се нарекува европска миграциска криза, која Европската комисија ја призна како најголемата од периодот на Втората светска војна.

Големината и едностраната природа на оваа криза предизвикаа мешани реакции во светот. Некои, осврнувајќи се на искуството на Римската империја, ја доживеале миграциската криза како почеток на крајот на европската цивилизација. За други, сегашната ситуација со мигрантите стана манифестација на неефикасноста на европските институции и организациските структури создадени за регулирање на миграциските текови, симбол на неуспехот на политиката.

Но, за модерната наука, миграциската криза во Европа не беше неочекувана, па според експертите, таа претставува кумулативен ефект на интеракција на голем број фактори, како што се глобалната економска криза, продлабочување на социјалните нееднаквости во многу земји,         последиците од воените конфликти и граѓанските војни, дестабилизација на земјите итн.

Една од специфичните карактеристики на актуелната криза е спојувањето на неколку миграциски текови – легални, нелегални економски миграции и бегалци – во еден моќен поток. Оттука, се јавува шарен национален, традиционален и етнички состав, односно Сиријци,Египќани,Либијци,Нигеријци,Авганистанци,     Пакистанци, итн.

Важна забелешка е дека најголемиот дел од мигрантите првично се движат во насока кон најразвиените земји на Западна Европа. Ова укажува на доволно високо ниво на свест за условите за живот, квалитет, великодушност и социо-економска поддршка за мигранти и бегалци во земјите на ЕУ.

Како главни причини за миграциската криза се потврдуваат екстремниот прилив на бегалци и мигранти во Европа поради војната во Сирија, што го активира целиот механизам, предизвикан главно од три фактори:

  • Првиот фактор е губење на верата на сирискиот народ во можноста за политичко решение на конфликтот;
  • Вториот фактор е трошењето на ресурсите на оние кои веќе го напуштиле местото на живеење и живееле во егзил неколку години; и
  • Третиот фактор, е намалувањето на хуманитарната помош во регионот. Особено, намалување за 30% на Светската програма за храна, поради недостаток на средства.

Друга важна причина е акумулацијата на “критична маса” мигранти од северна и супсахарска Африка кон Европа. Премногу мигранти бараат да дојдат до одредени земји, во кои веќе се населиле нивни роднини.

Не помалку важен е и најтешкиот начин да се стигне до европските земји. Во тој период, поморскиот транспорт од Либија до Италија беше „најпосакувана“ рута за сите мигранти и бегалци кои патуваа во Европа,асо тоа бројот на мигранти и бегалци кои се удавија и исчезнаа како резултат на бродоломите во Средоземното море беше драстично голем.

Користејќи ги формите на меѓународни односи во решавањето на миграциската криза, покрај првиот клучен фактор во насока на билатерално решавање на кризата го истакна постигнувањето на договорот ЕУ – Турција, при што како проблем исплива на површина “уцената” од страна на Турција, која бара се повеќе и повеќе средства за да се спречи непрестајниот тек на бегалците.

Сепак, на почетокот државите главно инсистираа тие да имаат заедничко мултилатерално решение, канализирано преку инструментите на ООН, како решение кое ги оправдува колективните одлуки и добра.

Во таа насока, Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР), сметајќи ја „ситуацијата како комплицирана, но не безнадежна”, за да се реши проблемот со бегалците долгорочно, покрај доброволната репатријација и преселувањето, како можна опција ја понудии локалната интеграција, што значи целосна интеграција на бегалците како членови на заедницата домаќин преку правни, економски, социјални и културни процеси. Локалната интеграција наметнува обврски и за бегалците и за владите. Со доделувањето на соодветни права на интегрираните бегалци, владите истовремено ги обврзуваат да живеат во согласност со правилата и регулативите на земјата-домаќин.

Оваа опција, во донесувањето крајни решенија, како главна улога го наметна унилатерализмот кај повеќето европски држави, кои како особена причина за тоа ги имаа длабоко во себе врежаните конзервативни политики кои ги спроведуваат на национално ниво.

Во таа насока задолжителната распределба на квоти предложени од Европската комисија во рамките на “механизмот за итни случаи” е отфрлена не само од државите од Источна Европа, туку и од земјите како Велика Британија, Ирска и Данска, што само го потврди унилатералниот карактер на донесување одлуки, особено при спроведувањето на овој механизам. 

Недостатокот на заштита на надворешните граници, особено од страна на Грција, ја натераа Унгарија да подигне високи огради на својата граница.

Високите претставници на Чешка, беа интензивни во своите изјави дека никој не ги поканил бегалците, за што би можело повеќе да се прифатат украински бегалци, бидејќи тие подобро се интегрираат во општеството, за разлика од муслиманите, што подоцна се зазема и како став на целата Вишеградска група.

Литванија пак, ја нарече дистрибуцијата на квоти во ЕУ неправедна и бесмислена, за што Владата ги отфрли обвинувањата за недоволна солидарност и зазеде став дека задолжителните квоти не се решение на проблемот, бидејќи треба да им се помогне на оние кои се плашат за своите животи бегајќи од војната, но не и за оние кои сакаат да живеат подобро.

Поголемиот дел од германските граѓани сметаа дека властите на нивната земја не можат да се справат со миграциската криза, со што се упатија големи критики конработата на кабинетот на Ангела Меркел. Влошување на економската ситуација во земјата, внатрешна нестабилност, голем број болести се последици со кои се соочи Германија. Полицијата добила повеќе од 400 пријави од жени кои биле сексуално малтретирани од мажи со африкански и арапски изглед.

Масивниот прилив на бегалци, главно од арапските и муслиманските земји, како и новогодишните настани 31.12.2016 г. во германскиот Келн, покажаа дека Европејците биле заложници на сопствените хуманистички принципи. Помагањето и давањето засолниште на сиромашните е принципот кој е во основата и на христијанската етика и на политичката структура на Европската унија. Сепак, овие идеалистички идеи не се совпаѓаат со реалноста и традиционалните вредности на кои почива секоја земја членка.

Европа не е во позиција да ги прифати сите оние кои бараат засолниште. И тука проблемот не е толку многу во ограничените економски ресурси, иако е многу акутен, туку повеќе е во фактот дека повеќето од бегалците се муслимани. И овој масовен бран на претставници на друга религија, култура и други вредности, како  уште еден поглед на светот, обичаи, менталитет во ЕУ – не може да се поднесе, со што земјите кои претходно одбија да ги прифатат бегалците, претставија  дополнителна причина да ги затворат границите, како обид за зачувување и одржување на своите воспоставени вредносни облици во нивното уредување, а со цел заштита на тие вредности од натамошни нарушувања од страна на „другите“ кои за нив во секој поглед претставуваат нешто сосема ново.


0 Comments

Напишете коментар

Avatar placeholder

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *