Семејството, столб на општеството

Published by sarissa.institute on

Дамјан Петрески

Како што на една куќа за да стои ѝ се потребни столбови, така и на нашето општество му се потребни столбови за да може да опстои. Еден од главните носечки столбови на нашето општество е традиционалното семејство. Како резултат на љубовта помеѓу еден маж и една жена го имаме бракот кој е почетна точка од создавањето на семејството. Семејството е многу важен фактор за воспитувањето на децата, кое пак е од голема важност за една држава, т.е општество. Кога на децата ќе им се посвети доволно внимание, и кога тие ќе бидат насочени кон вистинскиот пат, тогаш тие ќе бидат напредок и сигурна иднина за државата, но кога децата нема да ги добијат потребното внимание и љубов, тие ќе бидат пропаста на државата. За децата да го добијат потребното воспитување, тие треба да пораснат во семејство каде ќе обитаваат мирот, хармонијата и меѓусебната љубов. Таа меѓусебна љубов е нераскинливата врска која го држи семејството, а најмногу од сѐ семејството го држи взаемната љубов со Бога. Кога ќе се оддалечат од Бога, тогаш мирот, хармонијата и љубовта ќе бидат заменети со гнев, хаос и најлошо од сѐ омраза. Затоа, Црквата има за цел на луѓето да им го покаже вистинското значење на семејството, да им покаже што значи да си родител.

Родителите играат главна улога во воспитувањето на детето, и од нив најмногу зависи дали детето ќе биде позитивен пример, или пак негативен. Таткото со својата истрајност влијае врз волјата и истрајноста на детето, доека пак мајката со својата нежност ги поставува првите основи за благородно и возвишено живеење. Бракот стекнува полнота преку раѓањето на деца. Децата се навистина благослов Божји. Преку раѓањето на деца, малата црква поприма таканаречен Божествен лик, затоа што станува единство на три или повеќе човечки битија. Се пројавува нов степен на совладување на егоизмот. Се стекнува можност двајца заеднички да принесуваат жртва за третиот. Заедничката жртва на родителите им дава нова сила на нивната љубов. Во една од своите беседи за современото и ,,модерно” време, блажениот отец Серафим Роуз кажал: ,,Секој што ќе погледне на нашата современост од перспектива на нормалниот живот што порано го воделе луѓето, не може а да не остане запрепастен од тоа колку она што е нормално, денес му станало далечно на човековиот живот”. Самиот начин на живот кој го имаме не ни остава можност да доволно им посветиме внимание на најмалите членови на нашето општество и буквално ги оставаме на милост или немилост на светот кој е станат груб и бездушен. А децата, тие се најчистите и безгрешните суштества, за кои и самиот Христос рекол: „Вистина ви велам, ако не се повратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно; кој, пак, ќе се смири како ова дете, тој е поголем во царството небесно; и, кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој соблазни едно од овие мали, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морската длабочина“ (Мт. 18, 1-6). Ниедно дете не е родено злобно или пак способно за зло, туку тоа станува такво гледајќи пример од неговото окружување, но најмногу од родителите. Затоа од голема важност е детето да биде воспитано правилно и да биде насочено кон вистинскиот Пат, a такво дете може да произлезе само од едно нормално , традиционално и конзервативно семејство.

Секое добро воспитано дете, кое потекнува од добро семејство, ќе биде напредок не само за својата Татковина, туку и за целиот свет, и светот ќе биде поубаво место за живеење. Со правилното воспитување на децата и со учење на љубов, ќе добиеме безбедни општества и сигурна иднина, иднина во која нема да треба млади луѓе да гинат со цел да ја заштитат својата Татковина, туку истите тие ќе бараат нови начини да ја унапредат кон подобро, без притоа да ги уништат и заборават добрите традиции и традиционалните вредности. 


0 Comments

Напишете коментар

Avatar placeholder

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *